Лапорта побудале: Ги регистрира Олмо и Виктор, па ги навредуваше челниците на Ла Лига и РФЕФ

Жоан Лапорта извојува победа во една од битките за Дани Олмо и Пау Виктор откако Врховниот совет за спорт на Шпанија дозволи тие привремено да бидат регистрирани додека Барселона не ги даде на увид сите документи кои ги поседува.

Одлуката дојде на околу еден час пред синоќешниот натпревар на каталонскиот клуб против Атлетик Билбао во Суперкупот на Шпанија и очигледно предизвика огромно задоволство кај првиот човек на Барселона. Одејќи кон ложата на стадионот во Ријад, тој толку беше среќен што неговата среќа во еден момент премина во бес кон сите кои ја блокираа регистрацијата на двајцата фудбалери.

 

 

Прво радосно ги креваше рацете, стискаше тупаници во знак на задоволство, а потоа премина на наавреди. На удар му беа челниците на Ла Лига и Фудбалската федерација на Шпанија (РФЕФ) кои ги нарекуваше кучкини синови, кукавици, бесрамници, уплашени итн. Шпанските медиуми тврдат дека имал и жесток состанок со претседателот на РФЕФ, Рафаел Лоузано на кој бил многу гласен, навредувал и урлал, а присутен бил и Дани Олмо.

Двајцата фудбалери ќе бидат на располагање на Ханси Флик за финалето од Суперкупот кое се игра в недела, а во кое Барселона го очекува подобриот од дуелот меѓу Реал и Мајорка кој се игра денеска.