Ѓоковиќ го шокира светот: Бев труен со олово и жива во Мелбурн!
Во интервју за „Џи-Кју“, 24-кратниот освојувач на Грен слем титули изјави дека за време на петдневниот престој во хотелот во Мелбурн, каде бил сместен додека го обжалувал одбивањето на неговата виза, бил изложен на токсични материи преку храната што му била дадена.
„Имав здравствени проблеми. Кога се вратив во Србија, открив дека во телото имам високо ниво на тешки метали – олово и жива. Тоа беше единствено од храната што ја добивав во хотелот“, изјави Ѓоковиќ.
Австралиските власти во јануари 2022 година му ја укинаа визата на Ѓоковиќ поради што не беше целосно вакциниран против Ковид-19, што беше задолжително за влез во земјата во време на строги гранични мерки. Тогашниот министер за имиграција, Алекс Хок, ја донесе одлуката поради „здравствени и општествени причини“. Ѓоковиќ беше сместен во хотел што тој го нарече „затворска соба“, а според неговите зборови, третманот што го добивал бил значително полош од оној на другите спортисти кои беа во карантин.
„Целата ситуација беше политичка. Политичарите не можеа да поднесат да бидам таму. За нив беше помал проблем да ме депортираат отколку да ме задржат“, тврди Ѓоковиќ.
Портпарол на австралиското Министерство за внатрешни работи изјави дека од приватни причини не можат да коментираат поединечни случаи. Ѓоковиќ беше депортиран само неколку дена пред да го започне својот настап на Австралија Опен, каде требаше да ја брани титулата.