Ламин Јамал – принц на фудбалот, ама и крал на скандалите!

Младиот фудбалер на Барселона и шпанската репрезентација, Ламин Јамал, се најде во центарот на жестоки критики поради контроверзната прослава на својот 18. роденден, на која биле ангажирани лица со хендикеп (џуџиња) како келнери, а девојки биле повикувани врз основа на обемот на градите.

Поради ова, му се заканува висока парична казна која може да достигне до еден милион евра, откако организации за човечки права остро реагираа, оценувајќи го однесувањето на младиот фудбалер како „понижувачко и дискриминаторно“. Во меѓувреме, ниту Барселона ниту шпанската фудбалска федерација сè уште немаат официјален став по скандалот.

Ова не е првпат Јамал да се најде под лупа на јавноста. Минатиот месец, шпанската старлета и актерка за возрасни, Клаудија Бавел, во една ријалити-емисија објави приватна преписка со фудбалерот во која тој наводно инсистирал на интимна средба и покрај нивната значителна возрасна разлика. Јамал потоа демантираше дека се случило нешто меѓу нив, но Бавел го обвини дека лажел, тврдејќи дека всушност самиот ја побарал и дека се сретнале на неколку настани.

Роденденската забава била организирана во бел стил, а Јамал се појавил облечен во бело, – сценографија која дел од гостите ја споредија со евтина верзија на „Кумот“. Тортата била украсена со симболи на пари, коцкање, оружје и жени во провокативни пози. Манекенката Клаудија Калво сведочеше дека добила понуда меѓу 10.000 и 20.000 евра за присуство, но не ѝ било јасно што се очекува од нив.

„Се бараа русокоси со специфични димензии на гради, а мобилните телефони беа забранети за повеќето гости“, рече таа.

Дел од јавноста тврди дека станува збор за „младешка непромисленост“ по напорна сезона, но други укажуваат на длабок проблем – недостиг на одговорност и непочитување на етички вредности. Законот во Шпанија строго забранува деградирачка употреба на лица со хендикеп за забава, а некои бараат примерна казна.

Јамал на ЕП 2024 се истакна како една од ѕвездите на шпанската репрезентација. Со само 16 години тогаш, постигнуваше голови и асистенции против далеку поискусни играчи. Но, славата и парите му донесоа и позиција на идол за илјадници тинејџери – токму таа група која најлесно се идентификува со слика на „бунтовник без последици“.