„Романија и Унгарија се добри, ама ќе се бориме – и подмладени одиме на победи!“ (ВИДЕО)

Македонската репрезентација синоќа ги почна подготовките за втората фаза од претквалификациите за СП 2027, а меѓу кошаркарите на паркетот се најде и Андреј Митревски, кој по пауза поради повреди, повторно е дел од сениорскиот состав.

Во тимот се вклучени и неколку нови млади имиња, родени во 2002 и 2003 година, меѓу кои е и кошаркарот на Феникс 2010, кој наскоро ќе ја продолжи кариерата во САД. Митревски ја гледа оваа шанса како важен чекор во неговото враќање и афирмација на репрезентативно ниво.

„Имаме краток, но доволен период за подготовки – околу петнаесетина дена пред натпреварите. Ќе се обидеме максимално да го искористиме тоа време, не само за официјалните мечеви, туку и за контролките со Швајцарија, кои ќе ни помогнат да влеземе во натпреварувачки ритам“, изјави Митревски по првите тренинзи со тимот.

Македонија е во група со Унгарија и Романија – селекции кои важат за фаворити, но младиот бек е уверен дека македонскиот тим има што да покаже.

„Иако на хартија некои не ни даваат многу шанси, ние нема да влеземе со бело знаме. Ќе се бориме за победа на секој натпревар и ќе дадеме сѐ од себе за пласман во следната квалификациска фаза“, порача Митревски.

Македонија првиот меч од претквалификациите ќе го одигра против Романија и тоа на 2 август во Куманово.