
Шкендија вечерва во Скопје игра за второ коло и двомеч со романски гигант!
Пред седум дена шампионот во ПМФЛ на гостински терен одигра без голови, а сега пред своја публика ќе се обидае да дојде до победа и пласман во второто коло. Тоа би било повторување на 2018 година кога Шкендија исто така во оваа фаза го елиминираше истиот ривал.
Во тoj двомеч пред шест години на домашен терен Шкендија славеше убедливи 5-0, додека во реваншот беше блиску да ја испушти големата предност затоа што изгуби со 4-0.
ТНС во Велс покажа дека може да биде незгоден противник и многу лесно во Скопје можеше да допатува со предност, Шкендија успеа да извлече реми најмногу благодарение на голманот Бабукар Гаје кој имаше одличен настап.
Сепак од Шкендија веруваат дека тие ја имаат фаворитската улога вечерва и очекуваат пласман во следната фаза.
„Имајќи ја предвид вештачката трева повредите на Бесар Ибраими и Ибрахим Алхасан верувам дека ремито е прифатливо за нас. Мора да сме спуштени на земја и да се обидеме да дојдеме до победа. Ако го погледнеме квалитетот на тимот, ние сме фаворити, но тоа мораме да го покажеме и на теренот“, изјави пред овој дуел тренерот на тетовскиот клуб, Јетон Беќири.
Победникот од овој двомеч во второто коло ќе оди на натпревар против гигантот од Романија, ФЦСБ Букурешт.