На Шкендија и ТНС не им беа доволни 180 минути, ќе играат уште 30 (ВИДЕО)

Патникот во втората квалификациска рунда од Лигата на шампионите, од двомечот меѓу Шкендија и ТНС ќе се решава по продолженија, можеби и пенали откако по 180 минути игра, вкупниот резултат е 1-1.

Откако минатата недела во Велс немаше голови, вечерва во Скопје двете екипи по еднаш ја затресоа противничката мрежа и се изборија за дополнителни 30 минути. Шкендија беше нешто подобар ривал, се наоѓаше и во водство, но не успеа тоа да го круниса со триумф на денешниот натпревар.

По неколку добри акции, тетовци поведоа во 18. минута преку Тамба. При еден центаршут по земја, противничкиот голман лошо реагираше и го послужи фудбалерот на Шкендија, а овој од неколку метри ја затресе мрежата на ТНС. Како што македонскиот првак дојде до водство, така и прими гол 20 минути подоцна. Даниел Вилијамс шутираше од голема далечина, но неговиот удар не беше ни силен, ни прецизен. Шутот сепак го блокираше Фетаи, но тој место да расчисти, го послужи Џордан Вилијамс, а овој непречен од никого го израмни резултатот.

Шкендија беше нешто поактивна во првото полувреме, Бесарт Ибраими имаше добра шанса, но неговиот лоб по одличната акција заврши непосредно покрај стативата. Во финишот од основниот дел беше досуден пенал за Шкендија, но од ВАР собата реагираа дека претходно имало офсајд и судиската одлука беше променета.