Со срце до голем триумф: Младинците се на чекор до четврт-финалето на ЕП (ФОТО)

Македонската младинска кошаркарска репрезентација оствари голема победа на Европското првенство Б-дивизија во Ерменија, совладувајќи ја Швајцарија (82-81) во меч од четвртото коло.

Жолто-црвените со овој триумф остануваат во трка за пласман во четвртфиналето, а за тоа ќе биде клучен последниот натпревар против Данска, но и резултатите од некои од другите мечеви. И покрај слабата игра во скокот – особено дефанзивно, каде што Швајцарците собраа 19 офанзивни топки наспроти само 3 на Македонија – нашите млади кошаркари успеаја да се изборат за победа благодарение на борбеноста и шутот за три поени. Македонија имаше 17 загубени топки, десет повеќе од противникот, но во клучните моменти се покажа карактерот и големото срце на екипата.

Мечот го почнавме со серија 12-0, по што водевме со 19-9, а потоа и со 23-11. Иако до крајот на полувремето предноста беше намалена на само еден поен (46-45), нашиот тим делуваше стабилно. Ангел Кечовски блесна со 5/5 реализирани тројки, а Павел Иванов додаде 12 поени. Во третиот период дојде пресврт – Швајцарија направи серија од 8-0 и ја презеде контролата со резултат 72-64. Изгледаше дека Македонија е пред пораз, но во завршницата следеше неверојатна реакција. Тројките на Младеновски и Ќириловски ни донесоа израмнување, а новата тројка на Младеновски донесе водство од 80-78. Швајцарија се врати на 81-81, но Кечовски погоди едно слободно фрлање, а Донели ги промаши двете за противникот на пет секунди пред крајот. Иванов не погоди во последниот напад, но тоа не влијаеше врз резултатот.

Најефикасни во редовите на Македонија беа Стојковиќ и Кечовски со по 16 поени, Иванов додаде 14, а Ќириловски 12. Иако скокот не функционираше, шутот од дистанца беше силна страна – 14 тројки од 25 обиди.

Следниот натпревар против Данска го играме утре. За пласман меѓу најдобрите осум, покрај победа, Македонија ќе навива и за пораз на Холандија од Австрија, која е лидер во групата со скор 3-1.