По повеќе од еден месец, сапуницата околу доаѓањето на белгискиот голман Тибо Куртоа во европскиот првак Реал Мадрид конечно заврши, па денеска најдобриот чувар на мрежата на последното СП во Русија официјално го потпиша шестгодишниот договор откако утрово ги мина лекарските прегледи во шпанската престолнина.

Куртоа во Реал доаѓа за 40 милиони евра, а Челси на заем го доби и хрватскиот репрезентативец за врска Матео Ковачиќ, а Белгиецот на промоцијата го бакна грбот на „кралевите“ и порача дека со трансферот си го остварил сонот.

„Ова за мене е остварување на сонот. Сите што ме знаат, знаат колку напорно работев за да стигнем тука. Благодарност до Реал Мадрид, сега е на ред да го дадам најдоброто од себе. Од денеска мојот сон е реалност, сон кој го имав како дете, да играм на стадионот каде играле најголемите играчи. Од денеска сум мадридиста и сакам да се запишам во историјата. Хала Мадрид“, рече Куртоа.

Доскорешниот голман на Челси е поранешен чувар на мрежата на Атлетико Мадрид, па сега повеќе од сигурно е дека ќе има пеколен дочек од навивачите на црвено-белите на првото дерби на „Ванда Метрополитано.“

„Денес е среќен ден за Реал Мадрид, затоа што донесовме голем играч во извонредниот тим кој го имаме. Продолжуваме со нашата стратегија, во Реал да играат најдобриоте“, рече Флорентино Перез на промоцијата.