Короната (ќе) упропасти сè: Спектакуларни трансфери ќе нема летово!?

Додека светот се бори со пандемијата од опасниот коронавирус, кој го запре спортот како никогаш досега, веќе на големо економистите и финансиските стручњаци прават пресметки каков финансиски ефект ќе донесе сета оваа криза и сите се согласни дека штетата ќе биде огромна и непроценлива.

Во период кога сè е откажано, а никој ниту може, ниту знае да предвиди кога ќе има рстарт на спортот, а посебно на фудбалот, како најголем бизнис во спортот, предвидувањата се само на Стариот континент дека моментно се губат милијарди евра, а падот ќе биде уште поболен. Дури заговорниците на црни сценарија, кои предвидуваат дека фудбал до септември нема да се игра, сметаат дека фудбалот практично ѝ по рестартот нема повеќе да биде ист како досега.

Клубовите веќе трпат големи штети, многу клубови имаат прескапи играчи кои мора да ги плаќаат, а никакви приходи зашто нема никакви активност, а ако се додаат и банкарските кредити, задолжувањата... Сето тоа е преголем залак за фудбалската индустрија во која од коронавирусот сериозни проблеми ќе има и на трансферпазарот.

Веќе се најавува дека на следниот трансфер пазар, кој секое лето почнува од 1 јули, практично цените на трансферите вртоглаво ќе паднат, а сега веќе никој не верува дека е можен и трансфер над 100 милиони евра, додека уривање на светски рекордниот трансфер на Нејмар од 2017 година е практично „научна фантастика“.

Сето ова ќе биде плод на фактот дека прекинот во фудбалската индустрија ќе донесе огромно намалување на платежната моќ, а фактот дека санирањето на штетите предизвикани од коронавирусот ќе бидат приоритет, клубовите воопшто нема да размислуваат да влегуваат во дополнителни финансиски дупли за да купат скап играч. А, ако на тоа се додадат неверојатните плати и годишни договори, на среден рок, сумите во стотици милиони евра, кога ќе се собере отштетата, годишната плата, бонусите, даноците... е нешто што летово нема да го гледаме.

А и многу веројатно е дека за разлика од минатите години, трансфер пазарот може да биде и најмирен, без преголеми „земјотреси“, па клубовите во новите сезони практино да влезат со истите тимови со кои игра до прекинот поради опасниот вирус.