Колку и да е добар голгетер - малерот останува малер

Хари Кејн има над 400 гола во својата кариера, најдобар стрелец е во историјата на англиската репрезентација и втор во постоењето на Премиер лигата, жива легенда на островскиот и европскиот фудбал и сопственик на многу рекорди.

Сепак, со сите овие достигнувања, на 30-годишна возраст, Кејн уште нема ниеден трофеј во својата кариера. Го напушти Тотнем каде блескаше една деценија за да го скрши малерот, но всушност му донесе малер на Баерн Минхен чиј член е од минатото лето.

Иако во својата дебитантска сезона во баварскиот гигант постигна 44 гола и 12 асистенции на 45 натпревари, Кејн остана без можност да се бори за трофеј затоа што Баерн по 11-годишна доминација, падна од тронот во Бундеслигата, испадна во Купот на Германија, загуби во Суперкупот и вчера испадна во полуфиналето од Лигата на шампионите. Оваа сезона ќе биде прва по 12 години во која најтрофејниот германски клуб нема да освои ниеден трофеј.

Да биде иронијата поголема, она што му се случува со Баерн не е ни најлошо во неговата кариера бидејќи досега загуби финале од Лигата на шампионите во 2019 година со Тотнем и финале на Европското првенство во 2021 година со англиската репрезентација.