Невиден шутерски спектакл во Евролигата: Играч на Баерн погоди осум тројки во четвртина (ВИДЕО)

Германскиот кошаркарски првак Баерн доживеа неочекуван пораз од Макаби во Белград, но натпреварот го одбележа играчот на баварскиот тим Карсен Едвардс.

Тој ќе остане запишан како кошаркар кој ја одиграл најдобрата, односно најефикасната четвртина во историјата на Евролигата. Во третиот квартал од дуелот со Макаби, тој постигна вкупно 26 поени, притоа погодувајќи осум тројки во низа од кои шест по ред за тимот на Баерн. Единственото промашување во таа четвртина го имаше на 25 секунди пред крајот.

Сепак, во останатите три четвртини од мечот, Едвардс погоди само една тројка и постигна вкупно девет поени, па Баерн загуби со 90-93 и во последното коло, на домашен терен против Фенербахче, ќе одлучува дали ќе игра во плејофот или плејаутот.