
Келн се избори за бараж, Менхенгладбах го прати Вердер во Цвајта (ВИДЕО)
Белгиецот Себастијан Борнау четири минути пред крајот постигна злато вреден гол за Келн за да се победи Шалке и со тоа да се избега од зоната за директно испаѓање, место кое му го препуштија на Вердер, откако Менхенгладбах за нешто повеќе од еден час им ја наполни мрежата со четири гола.
Штиндл по три минути му ја најави Цвајта на Вердер, па Турам, Бансебијани и Нојхаус за 15 минути во вториот дел од 52-та до 67-та минута погодија трипати за убедливиот триумф, а домаќините само успеаа да го ублажат болниот пораз за Втора лига преку Рашица и Фулкруг во последните десет минути од мечот.
Унион Берлин го победи Ред Бул Лајпциг со 2-1 за да обезбеди настап во Конференциската лига, па залудна остана победата на Менхенгладбах, откако останатите европски места веќе беа распределени. Баерн, Лајпциг, Борусија Дортмунд и Волфсбург одат во ЛШ, а Ајнтрахт Франкфурт и Баер Леверкузен во Лига Европа.
Бундеслигата ја напуштаат Шалке и Вердер, додека Келн преку бараж ќе се бори за опстанок во елитното друштво.
Во денешните мечеви, Баерн со 5-2 го победи Аугсбург, Дортмунд славеше со 3-1 против Баер Леверкузен, а со ист резултат триумфира и Ајнтрахт против Фрајбург. Хофенхајм со 2-1 ја победи Херта, додека Арминија Билефелд до 2-0 славеше во Штутгарт за да обезбеди директен опстанок. Победи и Мајнц со 3-2 на гости кај Волфсбург.