Катарци најавиле за неколку дена мега-понуда за купување на Манчестер јунајтед

Катарски инвеститори најавиле за неколку дена дека ќе испратат комплетна мега-понуда за да го купат најтрофејниот англиски премиерлигаш Манчестер јунајтед, кој е во сопственост на семејството Глејзер и според најавите во април или мај ќе дојде до промена во сопственичката структура.

Глејзери за Јунајтед бараат шест милијарди фунти, а наводно неколку катарски шеици, со огромно богатство на своите конта, веќе го подготвиле проектот за да го преземат раководењето на великанот и после ПСЖ, Јунајтед да биде втор со сопственици од земјата пребогата со нафта и неодамнешен домаќин на СП.

Катарците најавиле дека во следните неколку дена официјално ќе ја достават понудата, зашто крајниот рок за интерес и понуди поставена од Глејзери е некаде на средина од месецов. Како главен фаворит за купување на Јунајтед се споменуваше британскиот милијардер Џим Редклиф, кој задоцни во понудите за купување на Челси ланското лето.

Според најавите освен купување на Јунајтед, заинтересираните треба да достават и долгорочна стратегија во која влегува и реконструкција на „Олд Трафорд“, а за богатите Катарци парите не се проблем, па нема да биде неочекувано ако излезат и како главни фаворити за преземањето на клубот.

Шеикот Тамим Бин Хамад Ал Тани, главниот емир на Катар е голем навивач на Манчестер јунајтед.

Во Премиерлигата во моментов има две арапски големи инвестиции, шеикот Менсур од Абу Даби од Обединетите Арапски Емирати кој со „Сити Фудбал Груп“ го држи Манчестер сити, гигантот кој сега е на тапет поради „финансиски допинг“ и прекршување на финансискиот фер-плеј, а од лани Њукасл е во сопственост на најбогатиот шеик и принц-престолонаследник на Саудиска Арабија, Мохамед Бин Салман со државниот инвестициски фонд ПИФ.