Касилјас официјално се пензионира: Дојде време и јас да кажам – збогум!

Еден од најдобрите светски голмани на сите времиња, Икер Касилјас, денеска и официјално потврди дека заминува во пензија и тоа со емотивно писмо објавено на социјалните мрежи.

Шпанецот го отвори срцето и ѝ кажа збогум на љубовта со која повеќе од 30 години беше во „врска“.

„Денеска е еден од најважните, но и најтешки денови во мојата кариера. Дојде време и јас да кажам - збогум. Со фудбалот почнав да се занимавам пред 30 години. Во текот на долгото патување имаше убави, но и помалку убави моменти на среќа и на тага. Во овој момент од својот живот и од оваа перспектива можам да кажам дека вредеше“, напиша голманот во своето писмо.

Касилјас „никна“ од младинската школа на Реал Мадрид, за кого дебитира на сениорско ниво во 1999 година, а во чиј состав остана до 2015 година со 510 одиграни натпревари. Зад себе остваи три победи во Лигата на шампионите и пет во Примера лигата. Кариерата ја заврши во Порто, за кој сезонава немаше ниту еден настап, откако лани преживеа срцев удар. Со Шпанија стана светски шампион во 2010 година во Јужна Африка, а беше најдобар во Европа во 2008 и 2012 година.