Јунајтед во очај нуди 100 милиони евра за напаѓач со само една добра сезона!

Манчестер јунајтед и покрај бројните разочарувања со скапо платени засилувања во нападот, повторно е подготвен да вложи дури 100 милиони евра за да го ангажира францускиот напаѓач Уго Екитике, фудбалер кој „експлодираше“ само во последната сезона со Ајнтрахт Франкфурт.

„Црвените ѓаволи“ се сериозно заинтересирани за 22-годишниот напаѓач, кој оваа сезона постигна 22 голови и 12 асистенции во 48 настапи. Иако тоа се импресивни бројки, многумина сметаат дека Јунајтед повторно ризикува со потег сличен на веќе неуспешните инвестиции како што беа Рамсус Хојлунд и Џошуа Зиркзе. Екитике претходно блескаше и во дресот на Ремс во сезоната 2022/23, каде даде 11 голови на 26 натпревари, што му обезбеди трансфер во ПСЖ за 28 милиони евра. Меѓутоа, таму не се наметна, па во јануари 2024 беше испратен на позајмица во Франкфурт. Германскиот клуб го откупи за 16,5 милиони евра и сега е подготвен да оствари огромна добивка доколку се реализира трансферот во Манчестер.

Интересно е што Јунајтед покажува подготвеност да вложи огромна сума за фудбалер кој дури оваа сезона доби вистинска шанса да биде прв напаѓач, по заминувањето на Омар Мармуш. Екитике го искористи моментот, но прашањето е дали тоа е доволно за да се оправда цената и дали клубот не прави уште една грешка во низа.

ФОТО: EPA PHOTO