
ЕХФ го казни Алкалоид, но АЕК тотално го исфрли!
Македонскиот прволигаш Алкалоид е казнет парично со 5.000 евра затоа што не обезбедил доволен број билети за гостинските навивачи, соодветно со капацитетот на салата каде требаше да се игра натпреварот. Со тоа, како што се вели во образложението на ЕХФ, клубот од Автокоманда ги прекршил правилата.
Многу полошо помина АЕК што е и очекувано, ако се знае дека грчкиот клуб беше иницијатор да не се игра реваншот во Скопје. Клубот од Атина е казнет со 20 илјади евра затоа што го прекршил основното правило на ЕХФ, да не игра на закажан натпревар. Дисциплинската комисија заклучи дека со тоа не само што покажал неспортско однесување кон противничкиот тим, туку му предизвикал проблеми и на ЕХФ во вид на пенали поради неодигран натпревар.
Покрај паричната казна, АЕК е исфрлен од европските купови на две сезони со тоа што една е условно на две години. Двата клуба имаат период од седум дена за евентуална жалба.
Пред десетина дена, ЕХФ донесе конечна одлука во врска со исходот од финалниот двомеч од Европскиот куп и го прогласи Алкалоид за шампион во ова натпреварување за сезоната 2024/25.