Марјан Илиевски утре и официјално ќе стане селектор на Македонија!

Поранешниот тренер на Пелистер, Приштина, Блокотехна, Кожув и Лирија, Марјан Илиевски, утре и официјално ќе биде промовиран во нов селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, нешто што го најавивме уште пред десетина дена.

Неговата прва задача ќе биде пеколна, односно настапот во втората фаза од претквалификациите за СП 2027 овој август, кога ќе ги одмериме силите со Романија и Унгарија. Двете најдобри селекции од групата ќе обезбедат место во квалификацискиот систем додека последнопласираниот тим ќе падне уште подолу, па ќе мора да игра во првиот претквалификациски круг за место на ЕП 2029.

Веќе се познати имињата и на помошниците на Илиевски, меѓу кои се поранешниот тренер на МЗТ и помошник во повеќе европски гиганти, Боби Митев, како и Борче Даскаловски, некогашен предводник на Карпош Соколи и на МЗТ 2 и Мирко Петрески, кој во минатото беше селектор на младинската селекција, а изминативе години беше помошник во турскиот тим Бурса.