Јунајтед се налути по „скршената глава“ на Де Лихт, спектакуларен пресврт на Лестер (ВИДЕО)

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед ставија крај на низата од пет средби без победа во сите натпреварувања, откако попладнево, со пресврт, на домашен терен го совладаа Бренфорд (2-1).

Гостите поведоа преку Пинок со гол во петтата минута од судиското надополнување во првото полувреме, по контроверзна ситуација во која прв на Де Лихт му беше раскрвавена главата, па додека му се укажуваше помош надвор од теренот противникот погоди од корнер. Тоа го разбесни Ерик Тен Хаг, но тој делумно се смири откако гарначо изедначи на самиот почеток од второто полувреме. Победата ја обезбеди Хојлунд со гол во 62. минута. Ова беше трет триумф за „ѓаволите“ во осмиот меч сезонава во Премиер лигата.

Феноменален меч се одигра во Саутемптон, каде што домашната екипа брзо поведе со 2-0 со головите на Арчер во осмата и на Арибо во 28. минута. Но, во второто полувреме Лестер направи голем пресврт. Прво преку Буананоте во 65. минута намали на 1-02, а Варди во 73. минута изедначи од пенал во ситуација во која Фрејсер доби црвен картон и го остави домаќинот со играч помалку. Тоа го казни Аје со победнички гол за Лестер во осмата минута од судиското надополнување.

Астон Вила беше убедлива на гости кај Фулам (3-1), Њукасл неочекувано загуби дома од Брајтон (0-1), додека Евертон како гостин го преслуша Ипсвич (2-0).