Лазаров: Горд сум на моите момци, имавме голема почит за противникот

Екипата на Алкалоид денеска славеше убедлива победа над литванска Драгунас Клаипеда со 42-31 и така си обезбеди голема предност за реваншот за седум дена.

Лазаров по натпреварот истакна дека е задоволен од изданието на неговите ракометари и уште еднаш како и на прес-конференцијата пред натпреварот потенцираше дека литванците се незгоден противник.

„Горд сум на моите момци, имавме голема почит за противничкиот тим, победивме со 11 голови но уште мислам дека тие се многу опасен тим кој игра модерен ракомет. Нивниот тренер игра многу брз ракомет, но ние бевме подготвени за нив. Уште еднаш, горд сум на сите мои момци. Во реваншот ќе имаме тежок натпревар ако имаме лош пристап. Играчите на теренот почувствуваа дека се работи за квалитетен противник, имаат опасни шутери и брз ритам. Ако се опуштиме ќе имаме проблеми. Секако дека ќе сакаме да победиме и таму. 11 разлика е голема разлика, на чекор до следното коло сме, но мора да бидеме претпазливи““, изјави Лазаров.

Пред натпреварот во Литванија, Алкалоид го чека и дербито со Пелистер во домашното првенство кое се игра во вторник.

Пелистер е најквалитетен тим играчки во Македонија. За нас хендикеп е што за разлика од нив ние подоцна го игравме европскиот меч и имаме помалку време за одмор до вторник. Тоа ќе биде тежок натпревар, Пелистер ќе сака да ни се реваншира за купот.