Јунајтед има летна мисија – да заработи 200 милиони фунти од седум фудбалери!

Манчестер Јунајтед се подготвува за големи промени во летниот преоден рок, со целосна реконструкција на составот за да се приспособи на системот на потенцијалниот нов тренер, Рубен Аморим, поради што планира да се ослободи од неколку високо платени фудбалери и да заработи 200 милиони фунти од нивната продажба.

На списокот за заминување се наоѓаат четворица играчи на позајмица – Маркус Рашфорд (50 милиони фунти), Џејдон Санчо (30 милиони), Ентони (30 милиони) и Тајрел Маласија (10 милиони). Покрај нив, клубот е отворен и за продажба на Каземиро, голманот Андре Онана и талентираниот Алехандро Гарначо. Особено голема сума се очекува од продажбата на аргентинскиот офанзивец Гарначо, кој е желба на Наполи, а за кого се споменува сума од 50 милиони фунти. Саудиски клубови покажуваат интерес за Каземиро и Онана, чии трансфери би можеле да донесат дополнителни 20 милиони фунти.

Ситуацијата не е јасна ни околу иднината на младата ѕвезда Коби Мејну, кој има високи барања за нов договор. Челси внимателно ја следи состојбата и би можел да интервенира доколку не се постигне договор со „црвените ѓаволи“. Главен мотив за овие промени се високите плати кои клубот ги исплаќа: Рашфорд и Каземиро добиваат по 325 илјади фунти неделно, Санчо 250 илјади, додека Ентони, Онана и Кристијан Ериксен (чиј договор истекува) заработуваат од 120 до 150 илјади фунти неделно.

Со овие чекори, „ѓаволите“ се надеваат дека ќе создадат поефикасен и финансиски одржлив тим кој ќе одговара на визијата на новиот тренер.

ФОТО: EPA PHOTO