Кошаркарската криза пред разврска: Прволигашкиот плејоф почннува пред, другите лиги по Велигден?

Откако претходниот викенд тотално застана македонската кошарка поради штрајкот на судиите, денеска во Кошаркарската федерација се одржа состанок меѓу претставници на сите инволвирани страни.

Пред судиите е доставен предлог, натпреварувањата во Првата лига жени, Втората и Третата лига мажи и младинските лиги да продолжат веднаш по велигденските празници, односно на 23 април, со оглед на тоа што таму речиси нема должници и сите клубови, освен еден, редовно ги подмируваат своите долгови кон судиите.

Неизвесно е само кога ќе почне плејофот во Првата лига мажи, со оглед на тоа што поради спонзорот на лигата, Федерацијата ги исплаќа судиите. Желба на клубовите е разигрувањето за титулата и за опстанок да почне претстојниот викенд, првите натпревари да се играат в сабота, а потоа да се продолжи в среда, по Велигден. Тоа треба да биде потврдено во следните денови од сите страни, учесници во натпреварувањето.

Судиите се исплатени за двете кола во февруари, за трите кола во март треба да бидат исплатени најдоцна до 25 април, а потоа ќе останат долговите само за тековниов месец, но тоа ќе се случи кога ќе заврши април и кога спонзорот на лигата ќе ги исполни своите обврски.

Сето ова треба (најверојатно) утре да го верификуваат членовите на Судиската организација кои минатата недела почнаа штрајк додека не им бидат исплатени заостанатите финансиски средства.