Италијанците со силни критики: Несторовски, каде исчезна?

Македонскиот репрезентативен центарфор Илија Несторовски летоска дојде во калчолигашот Удинезе како слободен играч откако Палермо, чиј капитен беше банкротираше и заврши во четвртата лига, но после 21 коло во Серија А голгетерскиот ефект на прилепчанецот е премал – само еден гол.

Удинезе после повеќе од половина од оваа сезона има 24 бода, засега е во мирна зона со девет бода повеќе од екипите кои се на местата што водат во Серија Б, но поради слабиот ефект на Македонецот дојдоа и првите критики во италијанските медиуми. „Несторовски, каде си?“ е прашањето што го поставуваат медиумите за центарфорот.

„Помина повеќе од половина првенство и тоа е доволно време за да се проанализира ефектот индивидуално, но и како тим генерално, а во последните пет меча екипата делува доста кохезивна, има идеја во играта, но сето тоа е недоволно за добри резултати. Статистиката, кога станува збор за головите е многу едноставна, а вели дека Удинезе е трет одзади по дадени голови. Има 19, колку и Бреша, а Спал е најслаб со 15. Од тие 19 гола, осум се на првиот нашаѓачки тандем Ласања-Окака, а знаејќи ги проблемите на Тодорчик, во око паѓа Илија Несторовски. Дојде летоска за да ја зголеми конкуренцијата, како напаѓач кој има чувство за гол, а не чинеше ништо, но...“, почнува анализата за македонскиот репрезентативец.

„Додека беше врзан со сицилијанците имаше висока цена, над седум милиони евра и делуваше како сериозно засилување кога дојде бесплатно, но нешто не оди како што треба. Илија добива простор, го заменуваше Ласања во одредени периоди кој е засега прв избор, често влегуваше од клупата, само што ефектот е – само еден гол. Треба да се спомене дека ВАР четирипати му поништуваше голови, но во последно време некако оди надолу со формата, скоро и да исчезнува од опасните напади“, потенцираат италијанските медиуми.

 

„Несторовски најчесто играше во тандем со Окака, со кого најчесто покажуваше лошо чувство за игра на теренот. Можеби на Несторовски му оди лошо, зашто идејата и играта на Готи не одговара на неговите карактеристики, но за да се реши прашањето за голови, ќе мора да напредува во делот на вистинскиот тајминг, но пред сè ќе мора да го крене нивото на игра“, завршува анализата.

Несторовски досега одигра 15 меча во Серија А, а од почетокот на новата 2020 година само на еден меч преседе на клупата за резерви во триумфот со 3-0 против сасуоло. Претходно двапати беше стартер со Лече во првенството и со Јувентус во Купот, а на последните два меча доби премалку минути, 13 со Милан, а 17 со Парма на последниот меч. Македонскиот репрезентативец по доаѓањето во Италија од Интер Запрешиќ даде 11 гола во Серија А за Палермо, а потоа за сицилијанскиот тим погоди еднаш 13, а следната сезона 14 пати во Серија Б.