И тоа бидна: Арсен Венгер се повлекува од Арсенал!

Тренерот со најдолг стаж во историјата на Премиерлигата дојде до својот крај - Арсен Венгер потврди дека си заминува од Арсенал.

Постојат луѓе кои се родиле, израснале и станале родители за овие 22 сезони како Арсен Венгер го води Арсенал. Конечно, дојде денот кога и официјално најави заминување, за жал, на радост на многу од навивачите, поради лошите резултати на „топчиите“ во последниве години.

„Откако внимателно размислив и дискутирав со луѓето од клубот, чувствувам дека на крајот од сезонава е вистинско време да се повлечам. Благодарен сум што ја имав привилегијата да му служам на клубот во сите овие години. „Го водев клубот со полна посветеност и со интегритет. Сакам да му се заблагодарам на персоналот, на играчите, на директорите и на навивачите, кои го прават овој клуб посебен. Ги повикувам навивачите да застанат покрај тимот до крајот на сезоната. До сите љубители на Арсенал, чувајте ги вредностите на овој клуб“, вели Венгер во соопштение.

Беше, релативно, непознат во својата земја, кога го назначија за менаџер на Арсенал во септември 1996 година, на негови 47. Освојувајќи ја двојната круна во 1997/98 година, бргу почна да важи за револуционерна фигура, воведувајќи софистицирани методи во подготовката на играчите и на натпреварите. Исто така, негов белег стана способноста да препознава малку познати играчи надвор од Англија и да ги направи ѕвезди во Арсенал, како на пример Патрик Виера и Емануел Пети, во првите години.

Следуваше уште една двојна круна, во 2002 година, а потоа дојде славната 2003/04 година, кога Арсенал стана шампион на Англија без загубен натпревар. Две години потоа играше во финалето на ЛШ, но загуби од Барселона.

Меѓутоа, модерните текови, развојот на фудбалот и вмешувањето на парите направија Венгер од револуционерен млад менаџер да биде закореавениот старец со стари методи, кој нема резултати. Во последниве години освојуваше ФА-куп трипати (2014, 2015 и 2017), заедно со Комјунити шилдс и тоа беше се што понуди од легендарната 2004 наваму. Арсенал важеше за екипа која постојано е во врвот на англискиот фудбал, но еве втора година по ред како не се пласира во Лигата на шампионите, што претставува преседан.

Поради тоа, многу често на натпреварите на Арсенал можеа да се видат транспаренти со содржина „Оди си Венгер“. Очигледно, желбата на навивачите се исполни, а на Арсенал останува да реши како ќе ја почне новата ера.