Халанд дефинитивно се сели Мадрид, ПСЖ сѐ поблиску до потпис на Мбапе!

Норвешкиот напаѓач Ерлинг Халанд следната сезона дефинитивно ќе игра за Реал Мадрид, сензационално објави синоќа Хосеп Педрерол, авторот на телевизиското шоу „Ел Чирингито“.

Трансферот би се реализирал следното лето, а „кралевите“ би ја активирале клаузулата во неговиот договор со Борусија Дортмунд која изнесува 75 милиони евра, на што би додале 40 милиони евра за бонуси наменети на менаџерот Мино Рајола и таткото на фудбалерот, Алфи Халанд. Флорентино Перез, првиот човек на шпанскиот гигант, сонува на едно место да ги има Карим Бензема, Винисиус јуниор, Халанд и Килијан Мбапе, кој исто така најави трансфер во Мадрид на крајот од сезоната.

Но, според спортскиот директор на неговиот сѐ уште актуелен клуб ПСЖ, Бразилецот Леонардо, во Париз сѐ уште не се откажуваат од францускиот репрезентативец.

„Се повеќе сум убеден дека Мбапе сака да остане во Париз, а ние сме спремни да му ја дадеме најдобрата понуда. Не можам со сигурност да кажам колкави се шансите да потпише нов договор, но тие постојат. Се додека не стави потпис со друг клуб, ние ќе правиме се за да го задржиме“, изјави Леонардо.