Гвардиола: Очекував да паднеме, ама не и да треснеме толку силно!
Поради тоа, менаџерот Пеп Гвардиола изрази загриженост за моменталната форма на тимот, признавајќи дека кризата трае подолго од очекуваното.
„Порано или подоцна ќе се вратиме. Се потсетувам колку бевме добри порано, но сега разбирам што е проблемот. Главната причина за нашиот пад се повредите на 7-8 играчи, а потоа и постојаното играње на секои три дена. Тоа станува претешко. Како и да де, очекував да паднеме, но не и да треснеме толку силно“, изјави Гвардиола, додавајќи дека тимот не ја покажувал оваа слабост и покрај слични предизвици во минатото.
Изјавата доаѓа во пресрет на денешниот дуел со Лестер, кој ќе биде посебен за искусниот стратег – негов 500-ти натпревар како менаџер на „граѓаните“. Овој важен јубилеј го прави Гвардиола вториот менаџер во историјата на Манчестер Сити со 500 натпревари, по Лес Мекдавол, кој ги предводеше „граѓаните“ на 592 меча помеѓу 1950 и 1963 година. Каталонецот има импресивни 354 победи и 1.211 постигнати голови на досегашните 499 натпревари, но моменталната форма на тимот остава горчлив вкус. Гвардиола од 2016 година освои 18 трофеи со Манчестер Сити, вклучувајќи ја и историската титула во Лигата на шампионите и стана првиот тренер со четири последователни титули во Премиер лигата.