Готово е: Ливерпул го реализира третиот најскап трансфер во историјата на фудбалот!

Ливерпул го реализира третиот најголем трансфер во историјата на фудбалот, ангажирајќи го шведскиот напаѓач Александар Исак од Њукасл.

„Црвените“ ќе платат 125 милиони фунти фиксно, плус дополнителни бонуси од пет милиони, со што вкупната сума може да достигне 130 милиони фунти (околу 152 милиони евра). Со оваа одлука, Ливерпул постави нов рекорд во англискиот фудбал и запиша трансфер кој е веднаш зад сензационалните зделки на Нејмар и Мбапе во ПСЖ. Преговорите траеја со недели, а Њукасл во неколку наврати ги одбиваше првичните понуди. Дури и понудата од 110 милиони фунти беше одбиена, но на крајот тимот од „Енфилд“ излезе најупорен и најсилен во трката.

Исак уште пред крајот на летото испрати јасен сигнал дека е решен да замине. Не се приклучи на предсезонската турнеја на Њукасл, тренираше одвоено од главниот состав и отворено зборуваше за незадоволство и неисполнети ветувања. Трансферот на 25-годишниот Швеѓанец е кулминација на исклучително активното лето за Ливерпул, во кое клубот донесе неколку значајни засилувања. Денот на големата вест дополнително беше зачинет со синоќешната победа во дербито против Арсенал – двојна причина за славје на „Енфилд“.