Година ипол му требаа на Барди да ги достигне Нејмар, Хамес, Мата, Пирло, Санчез...!

Европските статистичари направија ранг-листа на најдобрите светски изведувачи на слободни удари, кои играат во најсилните пет лиги на Стариот континент, водејќи се од основната статистика – колку голови дале во последните пет сезони.

И нормално, на листата број еден е аргентинскиот виртуоз Лионел Меси, ѕвездата на Барселона, кој во изминативе пет години дал дури 19 гола од прекини. Што и не треба да изненадува за калибар на фудбалер, кој со топката може сè. Меси е убедливо најдобар, но во најдобрите десет место има и за македонскиот репрезентативец – Енис Барди.

Барди во врвните лиги игра само година ипол, откако ланското лето дојде во Леванте и тоа за смешни 1,5 милиони евра. И веднаш покажа дека е „снајпер“, па на Пиринеите стана вистински хит. Во своите 18 месеци, Барди успеа да даде шест гола, да постави рекорд со најбрзи два гола од слободни (минатата сезона со Атлетик Билбао за 123 секунди) и е во друштво со невидени имиња – Хамес Родригез (Баерн Минхен), Нејмар (ПСЖ), Алексис Санчез и Хуан Мата (Манчестер јунајтед), Андреа Пирло (пензија) и Марвин Патенхард (Херта).

Сите овие имаат пет години искуство во врвните лиги, а само Барди е тазе, па веќе е на половина од вториот најдобар на листата зад Меси – Босанецот Миралем Пјаниќ од Јувентус. Пјаниќ има 12 гола и второто место го дели со Турчинот Хакан Чалханоглу (Милан), а на листата уште се Пауло Дибала (Јувентус), со девет, Даниел Вас и Дани Парехо го делат четвртото место со по осум, следат Кристијано Роналдо (Јувентус) и Александар Коларов (Рома) по седум.