Фиорентина и Каљари во чест на Астори го повлекуваат дресот со број 13!

Во чест на капитенот на Фиорентина и репрезентативецот на Италија, Давиде Астори, кој почина ненадејно во неделата во Удине, Фиорентина и Каљари одлучија да го повлечат дресот со број 13.

Давиде Астори беше пронајден мртов утрото во хотелска соба пред мечот на неговиот тим против Удинезе, по што беа откажани сите натпревари во италијанското првенство.

Од Фиорентина и Каљари во кои Астори помина голем дел од својата кариера, пристигна вест дека во негова чест ќе бидат повлечени дресовите со број 13, кои ги носеше во текот на кариерата.

Давиде Астори ќе биде погребан во Фиренца во четврток, а во среда во тој град во техничкиот центар на Фудбалскиот сојуз на Италија, ќе може сите да му одадат почит.

Европската фудбалска унија најави дека поради почит кон Астори, ќе има минута молк на натпреварите во Лигата на шампиони оваа недела.