Фешта со 50.000 луѓе во Билбао – се славеше првиот трофеј на Атлетик по 40 години (ВИДЕО)

Екипата на Атлетик Билбао со триумфот во финалето од Купот на Шпанија против Мајорка (1-1 и 4-2 на пенали) после 40 години го освои првиот пехар во клупските витрини, што предизвика огромна еуфорија меѓу навивачите на овој тим.

Поради ова, во најголемиот град на Баскија на улица излегоа 50.000 луѓе кои заедно со своите херои го прославија освојувањето на трофејот. Фудбалерите се собраа во самиот центар, го донесоа пехарот и на тој начин ги разгалија срцата на илјадници и илјадници долгогодишни навивачи.

Билбао последните трофеи ги освои во сезоната 1983/84, кога под водство на Ињаки Саез ја освои и двојната круна. Сега Ернесто Валверде го повтори делумниот успех, со оглед што титулата е недостижен сон, иако клубот во моментов е веднаш под зоната на Лигата на шампионите во Примера со два бода помалку од Атлетико Мадрид.