„Доаѓањето во Наполи е како сон, не ме плашат Роналдо и Јувентус!“

Елиф Елмас, најскапиот фудбалер во историјата на македонскиот фудбал денеска со 12-ка на дресот беше промовиран за нов фудбалер на Наполи, со кој пред два дена го потпиша петгодишниот договор вреден 16 милиони евра + 3 милиони евра бонуси.

Елмас на италијанските медиуми им посочи дека доаѓањето во Неапол е како сон, со самиот факт и дека ќе работи со Карло Анчелоти, чие телефонско јавување одиграло веројатно и клучна одлука за да прифати да дојде под Везув.

„Пресреќен сум што дојдов во Наполи и веќе се чувствувам како дома. Тука е атмосферата – како едно семејство. Прекрасно сум примен и за мене ова е сон. Јас ќе направам сѐ што ќе побара Анчелоти од мене. Два дена сум тука за сега да разговараме за тактични опции, ама сон е да се работи со Анчелоти, да се биде близу него. Негповиот повик имаше голема тежина за да се решам да дојдам тука. Јас сега ќе ги следам соиграчите, што ќе прават тие, тоа и јас. Што ќе јадат, тоа и јас, каде ќе одат, таму и јас“, изјави Елмас на прес-конференцијата.

Македонскиот бисер посочи дека веќе го почувствувал топлото добредојде од навивачите, кои се појавуваа секаде, на неговото доаѓање, од болницата во Рим, преку железничката станица во Неапол, па пред тренинг-центарот во Димаро.

„Топлото добредојде веќе го почувствувам. И сега на навивачите сакам да им возвратам за довербата, а тоа е да играм најдобро на теренот во овој тим. Можам да играм на многу позиции, секаде се чувствувам добро, но каде и што ќе играм зависи од Анчелоти. Без оглед на сѐ, јас ќе го дадам најдоброто од себе. Јас имам голем сон, но страв ми е да го кажам, да не не ми се оствари“, посочува Елмас.

Макеоднскиот репрезентативец на новинарите им откри и дека разговарал со капитенот на Македонија, Горан Пандев, кој му дал неколку совети.

„Зборував со Пандев и тој ми рече да го ценам дресот, а јас знам колку тежи. Ми рече да ги поддржувам соиграчите и дека Наполи е добар клуб за мене“, додаде Елмас.

Во Неапол, се формира тим кој треба да го нападне тронот на Јувентус, а Елмас и самоуверено им порача на новинарите дека – Кристијано Роналдо и „старата дама“ не го плашат.

„Знам дека ривалството на Јуве и Наполи е исто како Фенер и Галата. Веќе ми објаснија колку е тоа е големо. Двата тима се силни тимови, ќе биде убаво да се играат тие дербија, а ќе видиме што ќе се случи. Роналдо во светскиот фудбал има голема тежина, но за мене тоа ништо не значи. Не ме плаши Роналдо и Јувентус“, заврши Елмас.