Еден час за Барди на „Санчес Писхуан“ - Леванте загуби во 92-та минута (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Енис Барди одигра еден час на „Санчес Писхуан“ за Леванте против Севилја и малиот клуб од Валенсија беше близу до бод, но откако ВАР ги „спаси“ на средина од вториот дел, во финишот не издржаа и во 92-та минута примија гол за пораз со 0-1.

Ен Несири погоди на асистенција на Хесус Навас за триумф на актуелниот победник во Лига Европа во мечот на кој беа убедливо подобри и доминантни на теренот, но не успеаа порано да стигнат до погодок и дури во судиското надополнување успеаа да дојдат до трите бода.

Ен Несири влезе како „џокер“ на 20 минути пред крајот на местото на Лук де Јонг и таа замена на Хулен Лопетеги му донесе три бода. Барди очекувано беше стартер, но беше заменет и не го одигра целиот меч.

За Севилја ова е втора победа од вториот меч во новата сезона, додека Леванте го доживеа вториот пораз во третиот меч досега. Атлетик Билбао загуби дома од Кадиз со 0-1 во вториот меч денеска.