Дијаз пристигна во Минхен, наскоро ќе стане трет најскап фудбалер во историјата на Баерн (ВИДЕО)

Утринава околу 6:30 часот, директно од Токио во Минхен слета колумбискиот репрезентативец Луис Дијаз.

Во Јапонија беше на турнеја со својот досегашен клуб Ливерпул, но јасно е дека нема да ја почне новата сезона во дресот на тимот од Енфилд. Повторно ќе биде во црвено, но со амблемот на Баерн Минхен бидејќи се очекува денеска официјално да стане нов фудбалер на најтрофејниот германски клуб.

Според планот, Дијаз претпладнево треба да ги реализира лекарските прегледи, а потоа ќе се упати кон тренинг центарот на Баерн за да им се приклучи на своите нови соиграчи. Потоа ќе стави потпис на договорот за годишна плата од 14 милиони евра што е безмалку пет пати повеќе од неговата заработка во Ливерпул.

Неговиот трансфер ќе биде четврти најголем во европскиот фудбал летово, но Колумбиецот ќе стане трет најскап фудбалер во историјата на Баерн со тоа што баварскиот клуб ќе плати 67,5 милиони евра веднаш и уште 7,5 милиони во бонуси. Повеќе од таа сума е платена само за Хари Кејн (100 милиони) и Лукас Ернандес (80 милиони евра). Со парите од Дијаз, Ливерпул најверојатно ќе тргне по Родриго од Реал кој е голема желба на Арне Слот.