Де Лаурентис: За Наполи добив понуда од 3,5 милијарди евра
Уште од 2004 година, Де Лаурентис е на чело на Наполи и со клубот помина низ сè, од Серија Ц до освојување на титулата шампион на Италија во два наврати и настапи во Лигата на шампионите.
Оваа сезона можеби не се одвива најдобро, но нема сомнеж дека Наполи повторно ќе биде конкурентен. Сепак, кога станува збор за плановите на Де Лаурентис, продажбата на клубот засега не е меѓу нив.
„Наполи не е на продажба. Одбив понуда од 3,5 милијарди евра од Арапите бидејќи не сакав да се повлечам. Доколку некогаш го продавам клубот, би претпочитал тоа да го направам на Наполитанци, а не на Американци. Ако некој Наполитанец сака да ме замени за две, три или пет години, тоа би било во ред“, изјави Де Лаурентис.
Сепак, според информациите на „Кориере дело Спорт“, претседателот на Наполи не ја затворил целосно вратата за евентуална продажба.
Претседателот на кошаркарскиот клуб Наполи, Мет Ричета, е заинтересиран да го преземе фудбалскиот клуб и да создаде мултиспортски центар што би ги обединил сите спортови во градот.
Тој веќе претставил и план за новиот изглед на стадионот, со оглед на тоа што има силни врски со градските власти. Неговата идеја е стадионот „Диего Армандо Марадона“ да биде реновиран.