Чупиќ: Чекавме совршен натпревар и два бода за прослава

Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ не го криеше задоволството од освоените бодови против Нант, нагласувајќи дека неговиот тим долго го чекал моментот да одигра натпревар на највисоко ниво и да ја прекине серијата разочарувања.

Хрватскиот стратег потсети дека Вардар во претходните четири натпревари доживеа порази во неизвесни завршници, секогаш со минимална разлика, од еден или два гола. Токму затоа, победата против францускиот ривал имала посебно значење за „црвено-црните“, кои сакале да покажат дека можат многу повеќе од прикажаното во претходните средби.

„Секогаш е тешко да се игра во Нант. Имавме четири тешки натпревари што ги загубивме во последните минути, со еден или два гола разлика. Чекавме еден совршен натпревар и два бода кои би можеле да ги прославиме. Беше важно да покажеме дека сме подобри отколку на претходните натпревари“, изјави Чупиќ.

Вардар ги загуби шансите за пласман во топ-12 од Лигата на шампионите, но синоќешната победа ќе биде огромно значење на психолошки план за продолжението од сезоната.