Датумот 21.10 за Вардар е магичен – на овој ден и лани шампионот згази во Франција!

Македонскиот првак Вардар  има посебна причина да го памети 21 октомври. Скопскиот ракометен гигант две години по ред победува на гостувањата во Франција, па овој датум полека станува магичен за „црвено-црните“!

Вчера, на 21 октомври 2026 година, Вардар одигра одличен натпревар и го совлада Нант со убедливи 33-27, остварувајќи значајна победа на гостински терен. Македонскиот тим покажа квалитет, цврстина и сигурност, наметнувајќи го својот ритам против францускиот ривал.

Она што ја прави оваа победа уште поинтересна е фактот дека и минатата година, на истиот датум, Вардар се радуваше на француска почва.

На 21 октомври 2025 година, скопјани го совладаа Тулуз со 28-26, во натпревар од групната фаза на Европската лига. Вардар тогаш одигра одлично прво полувреме, во кое создаде предност од седум гола, заминувајќи на пауза со водство од 18-11. Домаќините се обидоа да се вратат во вториот дел, но македонскиот тим ја сочува предноста и стигна до победата.

Интересно е тоа што последните години француските екипи особено му лежат на Вардар и е мошне сигурен кога игра кај нив. На четирите последни гостувања во оваа земја, „црвено-црните“ остварија три победи. Покрај Нант вчера и Тулуз минатата година, Вардар го совлада и Монпелје во 2022 година (28-25), а единствениот пораз го доживеа исто така од Монпелје во април годинава во плејофот од ЕХФ Европската лига (23-33).