Руни жестоко удри по Бруно: Прво погледни се во огледало пред да обвинуваш!

Убедливиот пораз на гостувањето кај Комо, како да го уништи и она малку добро што го следеше Манчестер јунајтед од почетокот на сезоната.

Покрај високиот пораз, вниманието по натпреварот во Италија го привлекоа и зборовите на капитенот Бруно Фернандеш за лошата тактичка одлука на Мајкл Керик.

Иако не сакаше директно да го посочи Керик, беше сосема јасно на што алудира Португалецот, а неговите зборови воопшто не му се допаднаа на Вејн Руни.

„Го слушав она што Бруно го кажа по натпреварот и, да бидам целосно искрен со вас, мислам дека целосно полуде. Да застанеш пред камерите и на ваков начин да ги фрлиш Мајкл Керик и стручниот штаб под автобус е неприфатливо за кој било играч, а камоли за капитенот на Манчестер јунајтед.

Кога ја носиш капитенската лента, треба да застанеш исправено, да преземеш одговорност и да го заштитиш тимот. Не излегуваш јавно за да ја доведуваш во прашање тактиката и да покажуваш со прст кон организацијата, само за да го тргнеш товарот од сопствениот грб по поразот од Комо со 4-1. Тоа не е лидерство, туку однесување на играч кој се грижи единствено за сопствената репутација“, истакна Руни, кој и претходно го критикуваше Фернандеш.

Потоа откри дека за него нема никаква дилема дека Керик бил „фрлен под автобус“.

„Очигледно е за секој што го гледа тимот дека Мајкл Керик ја губи соблекувалната. Кога ќе видите екипа што изгледа толку безживотно, прима гол во првите две минути, а потоа капитенот веднаш оди пред телевизиските камери за отворено да го критикува планот за игра, авторитетот на тренерот е целосно изгубен. Играчите очигледно повеќе не веруваат во она што тој им го кажува.

Но, Бруно треба да се погледне во огледало пред да покажува со прст кон Керик. Тој изгледа како сенка на играчот што беше кога првпат пристигна на „Олд Трафорд“. Неговите настапи во последните неколку месеци се далеку под нивото што се бара од него. Искрено, нема право да зборува за тактика кога на теренот не придонесува со ништо“. додаде поранешниот напаѓач