Куртоа пред „Ел Класико“: Се надевам судиските грешки нема да бидат на една страна

Во Шпанија полека се загрева атмосферата пред големото неделно дерби помеѓу Барселона и Реал Мадрид.

За медиумите сега зборуваше Тибо Куртоа, а во својата изјава голманот на „кралевите“ отворено порача дека според него претходно судиските одлуки биле во корист на Барселона.

„Се надевам дека нема повторно судиските грешки да одат во корист на една страна, како што беше случај досега. Мислам дека ВАР премногу се меша во сè, има работи во кои не треба да се интервенира“, порача белгискиот чувар на мрежата, па потоа зборуваше за натпреварот.

„Ние играме два различни стила на фудбал, Барселона сега е многу напаѓачка, ние одиме таму да победиме. Самоуверени сме и полни со самодоверба. Ќе мора да играме добро во одбраната и во нападот да ја искористиме секоја можност која ќе ни се укаже“, истакна Куртоа.

На табелата во овој момент, Барселона по девет кола е со максимални 27 бода, додека Реал на третата позиција има шест помалку.