Чурлинов дојде во Штутгарт и брзо ги собра симпатиите поради неверојатната борбеност!

Младинскиот макеоднски репрезентативец, Дарко Чурлинов, кој е најмлад дебитант во сениорската репрезентација на Македонија зимава се пресели во Штутгарт од Келн и не требаше многу за да ги собере симпатиите во новиот клуб.

Чурлинов со својот нов клуб е на зимски подготовки за пролетниот дел од сезоната во „Цвајта“, а веќе дебитираше на контролните мечеви и спортскиот директор на „швабите“, Свен Мислинтат посочил дека Македонецот во тимот донел – менталитет за беспоштедна борба.

Како што објавуваат германските медиуми, во Штутгарт биле импресионирани од тоа што го гледаат од Чурлинов во Марбелја (Шпанија).

„Убаво е да се види кога нов играч има таков менталитет за борба, а тоа е нешто што за нас е многу важно. Неговата агресивност да се освои секоја топка, менталитетот да се победи на секој меч е многу важно. Дарко е фудбалер кој ќе прави постојан притисок и ќе се бори за секој дел од теренот и за секоја топка“, вели Мислинтат.

Младинскиот репрезентативец по доаѓањето во Штутгарт објави дека од мал имал дрес на овој клуб со името на легендарниот Марио Гомез, кој е негов идол, па сега офанзивниот фудбалер ќе има шанса покрај својот идол побрзо да порасне во овој клуб. Чурлинов есеноска дебитираше во Бундеслигата за Келн, но потоа не доби премногу шанса кај „јарците“ и зимава направи трансфер.