Барди: Видов многу празнина, а противниците ми помогнаа кога шутнав кон голот!

После две години, три месеци и 20 дена пресметаа Шпанците, Енис Барди вчера постигна гол директно од слободен удар, за да го најави пласманот во четвртфиналето на Леванте во Кралскиот куп, а ова беше прв гол после шест месеци (уште од јули) на македонскиот репрезентативец за шпанскиот клуб.

Барди мангупски и мајсторски по земја ја погоди мрежата на валјадолид, откако целиот жив ѕид скокна за да го изблокира неговиот обид по претпоставка дека ќе биде преку него, па како Роналдињо на најдобар начин Барди се врати во првиот тим. Повеќе од два ипол месеци беше во аут поради повредата на грбот и сега во вистински момент фаќа ритам за продолжение на сезоната.

„Многу сум среќен што се вратив во привот тим, што добив поголема минутажа, а тоа ми дава дополнителна сила. И најважно од се е што победивме, што отидовме понатаму и што ќе се обидеме да останеме што е можно подолго во ова многу важно натпреварување. Една пречка прескокнавме и сега треба да продолжиме само да се бориме“, вели Барди.

После Лионел Меси, најдобриот фудбалер во историјата на Барселона, Барди е втор во Шпанија кој дал најмногу голови од слободен удар во сите натпреварувања, а овојпат ги измами сите со шутот по земја, под живиот ѕид, нешто што не го очекуваа противниците.

„Многу не размислував како да шутнам. Видов само дека има многу празен простор, зашто прекршокот беше 'фронтален', а и тие ми помогнаа со одлуката да скокнат“, објаснува Барди после погодокот со Валјадолид, додавајќи дека голот им му го посветува на семејството.

Тренерот на Леванте, Пако Лопез, после мечот посочи дека е среќен што повторно го виде Барди во вистинското светло.

„Најдобра вест е дека одигра без никаков проблем, без да се пожали на некоја болка и што одигра на највисоко ниво. И среќен сум за него, сите ние во клубот, зашто помина низ еден многу тежок период, а Енис е само еден фудбалер кој може уште повеќе да ни помогне да ги исполниме зацртаните цели“, додаде Лопез.