Баерн и Ливерпул се договориле, „црвените“ тргнуваат по уште еден напаѓач

Ливерпул и Баерн постигнаа договор за трансфер на колумбискиот крилен играч Луис Дијаз, тврдат денеска британските медиуми.

Ливерпул вчера играше во Хонг Конг против Милан и загуби со 2-4, пред да замине на пат за Јапонија. Луис Дијаз не играше на овој меч бидејќи трансферот беше при крај, но беше дел од групата што патуваше во „Земјата на изгрејсонцето“.

Во меѓувреме, клубовите постигнаа договор во кој и едните другите мораа да прифатат компромис. Иако Ливерпул тврдеше дека нема да го пуштат Дијаз за помалку од 100 милиони, беше јасно дека не може да добие толку пари за 28-годишниот Колумбиец, поради што ги намали своите барања.

Претходните понуди на Баерн, кои беа значително помали, беа категорично одбиени, но сега во Минхен знаеја дека ќе мора да ги зголемат бројките за да го доведат многу потребното засилување поради повредата на Џамал Мусијала. Договор падна на 75 милиони евра што, со бонуси, ќе изнесува околу 80 милиони евра.

Луис Дијаз сакаше да си замине бидејќи Ливерпул не му понуди нов договор. Актуелниот важи до 2027 година, но трансферната политика на клубот од „Енфилд“ е чувствителна кога играчите ќе наполнат 30 години, па затоа трпеливо чекаа тој да биде продаден за голема сума. Ливерпул сега ги има сите услови да тргне по потписот на Александер Исак од Њукасл.