Астон Вила потроши 35 милиони фунти за лев бек од Холандија!

Холандскиот репрезентативен дефанзивец, Јан Матсен (22), е нов фудбалер на Астон Вила, соопшти синоќа клубот од Бирмингем.

Тој доаѓа од Челси за отштета од 35 милиони фунти, објави Би-Би-Си, што е најскапиот трансфер во летниот преоден рок досега. Од јануари беше на позајмица во Борусија Дортмунд, каде што остави фантастичен впечаток, но „сините“ од Лондон решија да го продадат за да ги „испеглаат“ работите со финансискиот фер-плеј.

Матсен во моментов е со националниот тим на Европското првенство во Германија, а претходно во кариерата настапуваше за Чарлтон, Ковентри и Барнли. Екипата на Астон Вила минатата сезона заврши на четвртото место во Премиер лигата, што им донесе можност од септември да игра во Лигата на шампионите.