Артета: Се молам само да заврши овој кошмар

На менаџерот на Арсенал, Микел Артета му се темни пред очи кога ќе дојдат репрезентативните паузи, а последната од нив за оваа година веќе почна денеска.

Речиси на секое отсуство поради настапите за националните тимови, се повредуваат играчи на Арсенал и тоа не кои било, туку најважните. Тоа е и причината за лошите резултати во последно време.

„Тоа за што се молам е на крајот на репрезентативната пауза да имаме целосно здрав тим, да можам да ги користам сите фудбалери и да бидат во форма бидејќи ова што се случува последните осум недели е кошмар. Проблем по проблем, не само со тие што не играат, туку и со тие што играат“, изјави Артета.

Арсенал е во серија од четири меча без победа, на нив освои само два бода и сега има огромно заостанување зад лидерот Ливерпул. Не е исклучено веќе сега „топчиите“ да ги загубија шансите за шампионската титула и оваа сезона.