Артета претера со прославата на победничкиот гол и нема да го води Арсенал на следниот меч

Арсенал ќе биде без менаџерот Микел Артета на незгодното саботно гостување кај Астон Вила.

Причина за тоа е жолтиот картон кој шпанскиот стручњак го доби по победничкиот гол што синоќа го постигна Деклан Рајс, во 97. минута од дуелот со Лутон. Артета влезе во теренот, па главниот судија Семјуел Берот немаше друг избор, освен да го санкционира, а тоа беше трет жолт картон за Артета по што автоматски следува суспензија.

„Не можам да останам мирен во таков момент. Тоа се чисти емоции и ако е жолт картон, нека е жолт картон“, изјави Артета по натпреварот.

Арсенал со триумфот во Лутон освои три важни бода во борбата за титулата и отиде на +5 пред денешното гостување на Манчестер Сити кај Астон Вила.