Алонсо е под голем притисок пред мечот со Алавес – веќе се знае и кој ќе го наследи!
Според информации од мадридски извори, претседателот Флорентино Перез веќе има подготвен план во случај на нов кикс – промоција на Алваро Арбелоа како привремено решение на клупата на „кралскиот клуб“. Алонсо, кој во последниот период се соочува со сериозен притисок поради резултатите, наводно ја има довербата само до следниот натпревар. Доколку Реал не успее да слави против Алавес, управата е подготвена да реагира веднаш и да направи промена, без одложување.
Изборот на Арбелоа се наметнува како најреална опција во моментов. Тренерот на Реал Кастиља (вториот тим на „кралевите“) важи за човек од системот, а неговото име доаѓа во преден план и поради фактот што другите големи тренерски опции се недостижни. Зинедин Зидан и Јирген Клоп, иако слободни, не покажуваат интерес да ја преземат екипата во ваква фаза од сезоната. Поранешниот дефанзивец на Реал Мадрид, кој го носеше дресот на првиот тим од 2009 до 2016 година, веќе неколку сезони гради позитивен рејтинг како тренер во младинската и резервната структура на клубот. Неговата работа во Кастиља е оценета како стабилна и перспективна, што дополнително ја зголемува довербата од страна на управата.
Во клубските кругови, Арбелоа и претходно беше споменуван како можна преодна солуција – човек кој би ја стабилизирал екипата до крајот на сезоната, по што на лето би се донела стратешка одлука за долгорочен тренер.