Влазрими го напушти теренот во Тетово, неславен крај на третолигашкото дерби со Тетекс! (ВИДЕО)

Дербито на 14. коло од Третата фудбалска лига Запад, меѓу Тетекс и Влазрими не го дочека својот крај откако гостинскиот тим го напушти теренот во 75. минута.

На прекинот и заминувањето на кичевскиот тим му претходеше досуден пенал за Тетекс и доделен црвен картон за играч на Влазрими. Страстите зовреа, а по неколкуминутни протести, гостите одлучија да ја повлечат екипата и да го напуштат теренот.

„Скандалозно судење под водство на главниот арбитар МАРЈАН МЛАДЕНОСКИ, заедно со неговите помошници, и четвртиот судија Пларент Салихи кои беа главни актери и без трошка срам напаѓаа што ќе им дојде пред очи, казнувајќи го секој од нашиот тим. Поради сета оваа репресија диктирана од луѓето во црно кои мора да делат правда на терен, раководството на клубот реши да го повлече тимот“, пишува, меѓу другото, во реакцијата на Влазрими.

 

 

Натпреварот меѓу Тетекс и Влазрими директно решаваше за првото место на табелата бидејќи во пресрет на неговото одигрување, тетовци се наоѓаа на чело со 32 бода, еден повеќе од својот вчерашен ривал.