Мбапе замина, ПСЖ е уште посилен - синоќа израмни европски рекорд

Екипата на ПСЖ е пред нова шампионска титула во француското првенство бидејќи по 27 кола се уште е без пораз, со 22 победи и гол-разлика +53.

Разликата во однос на второпласираниот Монако изнесува 21 бод, па во следното коло и со освоен бод против Анжер на домашен терен, „светците“ ќе го обезбедат новиот, 13. трофеј. Синоќа ПСЖ го прегази Сент Етјен со 6-1 и постави нов рекорд не само во францускиот, туку и во европскиот фудбал.

За тимот на Луис Енрике тоа беше 38. натпревар без пораз на гостински терен, рекорд кој досега беше во сопственост единствено н Милан. Тоа беше 12. победа по ред надвор од својот стадион, а последниот пораз, ПСЖ го доживеа на 11 февруари 2023 година од Монако со 1-3.

Во тој период, главни ѕвезди во тимот беа Лионел Меси, Килијан Мбапе и Нејмар, додека сега нема ниеден играч од таков калибар. Последен што си замина е Мбапе кој лани се пресели во Реал Мадрид, но неговото отсуство воопшто не се чувствува во екипата.