
Тренерот што го уназади Елмас, денеска доби отказ
Тимот од источна Германија се наоѓа на шестата позиција на табелата во Бундеслигата, но со само 11 победи на 27 натпревари и со 23 бода негатива во однос на лидерот Баерн. Покрај тоа, не успеа да ја помине првата фаза од Лигата на шампионите, па дури беше прв тим што официјално ги загуби шансите за пласман во нокаут сегментот.
Под водство на Розе, Лајпциг освои еден Куп и еден Суперкуп на Германија, но сето тоа се случуваше во 2023 година. Оттогаш екипата беше во голем пад и покрај тоа што некако обезбедуваше пласман во Лигата на шампионите за што шанси има и оваа сезона имајќи предвид дека разликата во однос на четвртопласираниот Мајнц изнесува само четири бода, но со натпревар повеќе.
Лоши спомени од соработката со Розе има и еден од најдобрите македонски фудбалери во моментов Елиф Елмас кој точно една година беше член на Лајпциг. Во првиот дел од актуелната сезона, додека се уште играше за бундеслигашот, Елмас запиша само два настапа и тоа со вкупно 42 минути на теренот - 16 против Мајнц во седмото и 26 против Борусија Дортмунд во деветтото коло. Ако се земе предвид и минатата натпреварувачка кампања, Елмас само два пати беше стартер, а од Германија си замина со едвај 300 минути на бундеслигашките терени во период од една година поради што македонскиот репрезентативец зимава се врати во Италија и игра како препороден во Торино.