Вардар меѓу десетте најголеми губитници од пост-југословенската транзиција (ФОТО)

Најтрофејниот македонски клуб Вардар е еден од десетте најголеми губитници од пост-југословенската транзиција во фудбалот, после распадот на поранешна СФРЈ, објави најпопуларната фејсбук-страница за екс-ју фудбалот.

Вардар се најде на осмото место од десетте клуба кои најмногу загубиле со згаснувањето на некогаш многу силната југословенска лига, а меѓу најголемите губитници се и поранешниот европски првак Црвена Звезда на петтото место, љубљанска Олимпија на деветото, култниот Вележ од Мостар на третото, а убедливо најголем губитник е сплитски Хајдук, еден од клубовите од големата четворка.

Скопските црвено-црни во историјата на ју-фудбалот, со освоени еден Куп (1961) и една титула (1987) e девети по број на одиграни мечеви во Првата лига (1.005), 11-ти по освоени бодови (907) и по победи (328), а десетти по дадени голови (1.195), a до средина на 70-те години од минатиот век беше само еден од два клуба кои во Купот успеале да освојат трофеј настрана од големата четворка (Партизан, Ц. Звезда, Динамо и Хајдук). Само Вардар и ОФК Београд (претходно БСК) освоиле куп-трофеј во скоро три децении во фудбалска Југославија.

GUBITNICI TRANZICIJE 8. FK VARDAR Verovatno ispadanje Vardara u drugu ligu nije prvi slučaj te vrste u istoriji...

Posted by Istorija ex yu fudbala on Saturday, May 1, 2021

„Веројатно испаѓањето на Вардар во Втората лига не е прв случај од овој вид во историјата на најголемиот македонски клуб. Ист случај имаше во 2011 година, кога Вардар заврши како претпоследен и се спаси само благодарение на фузијата со Миравци од истоименото село крај Гевгелија. Двојното испаѓање од слабата македонска лига, без оглед на повремените домашни и европски излети, го скава некогашниот 'шајберов шампион' меѓу најдолемите губитници во фудбалската транцизија на овие простори.

Изгледа дека некогашниот југословенски великан и фудбалска гордост на Македонија се претопи во сивилото и просечноста. Македонија во СФРЈ имаше еден, евентуално два прволигаши и кога од таква конкуренција треба да направите посебна лига, без спонзорства на државните фирни, без старосна граница која постоеше во југословенскиот фудбал, без гледачи, без ТВ-права, денешната македонска лига е на ранг, а можеби и под рангот на некогашните републички лиги во бившата држава. А, во таква конкуренција тешкое да се направи и да се задржи квалитетот“, стои во објаснувањето за осмото место на Вардар.

Сплитски Хајдук е најголем губитник, зашто од југословенски гигант сега не е ни просечен хрватски клуб, кој лани не излезе во Европа, претходно се бламираше со малтежани, а другу клубови го претркаа, додека Динамо им е светлосни години напред. Втор на листата е култниот ОФК Београд, кој изроди безброј големи фудбалски имиња, а сега е пред тотална пропаст и згаснување, додека мостарски Вележ, кој своевремено ја пленеше фудбалската јавност нема ни една титула од независноста на БИХ.

За белградска Црвена Звезда, која четири години по ред е првак на Србија, играше двапати во ЛШ, а обезбеди два пролетни настапи во Лига Европа е губитник од транзицијата, зашто беше на врвот на Европа пред распадот на СФРЈ, а од највисоко тресна и се соочи со актуелната позиција, да не е гигант во европски рамки.

Вардар викендов зачекори кон Втората лига, па е близу до официјално испаѓање како кулминација на комплетниот хаос во клубот со натоварениот долг од три ипол милиони евра и безизлезна ситуација за спас и тоа само една сезона откако ја освои последната 11-та титула во независна Македонија, а шеста во изминатата деценија од 2011 година наваму (2012, 2013, 2015, 2016, 2017, 2020) и пред четири години (2017) играше во групите во Лига Европа, што е историски најголем успех на еден македонски клуб.