Вардар го брка шестиот куп трофеј, Струга сака прво славје!

Вечерва со почеток од 20 часот на „Градски“ се игра финалето од Купот на Македонија во кое за трофејот ќе се борат Вардар и Струга ТЛ.

Црвено-црните петпати го имаат кренато големиот пехар од Купот на Македонија, но последен пат тоа се случило пред дури 18 години.

За разлика од Вардар, Струга никогаш му се нема израдувано на овој трофеј, иако во 2023 го погледна одблизу, тогаш во финалето загуби од Македонија Ѓорче Петров на пенали.

Вардар повторно е во центарот на вниманието. По турбулентни години, „црвено-црните“ финансиски се стабилизираа и се во можност да ја заокружат сезоната со трофеј и место во Европа. Победата не би била само награда, туку и симболично враќање на старите патеки.

Струга е македонски шампион од минатата сезона, во составот имаат фудбалери кои знаат да победуваат и со голема мотивација ќе истрчаат вечерва на арената.

„Мислам дека Вардар е подготвен да го даде максимумот. Знаеме дека пред себе имаме незгоден ривал кој лани беше првак. Но, гледаме само во себе. Толку време Вардар го чека ова финале. Ќе дадеме сè од себе, на добар терен и со помош од публиката, да ја оствариме целта на оваа полусезона“, рече Седлоски на вчерашната прес-конференција.

Вардар лошо ја почна сезоната, но направи голем ремонт во јануари, брзо потоа ја крена формата и почна да победува. Црвено-црните вечерва ќе ја имаат фаворитската улога, ќе имаат и поголема поддршка од публиката, но Струга е квалитетен тим и нема намера да излезе со бело знаме.

„Вардар е фаворит на утрешниот натпревар. Многу го ценам овој клуб, како играч и тренер освојував титули, тоа е мој клуб. Сепак, дефинитивно сакам да победам во ова финале. Вардар ќе игра пред свои навивачи, ама ние сме подготвени да одговориме на секој предизвик“, рече тренерот на Струга, Илчо Ѓорѓиоски.

Покрај пехарот, победа на денешниот меч и за Вардар и за Струга ќе значи и излез во Европа откако двата клуба не успеаа тоа да го направат преку регуларниот дел од сезоната.

Се очекува убава атмосфера на „Градски“, повеќе илјади гледачи и вистинско куп финале.