Видерер ќе брка и трет мандат на функцијата „крал“ на европскиот ракомет!

Актуелниот претседател на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер, најави дека ќе се бори и за трет мандат на претстојните избори закажани за септември оваа година.

Тој во официјално писмо испратено до сите 50 членки на ЕХФ ја соопшти својата кандидатура, истакнувајќи ја подготвеноста повторно да го предводи европскиот ракомет. Изборите ќе се одржат на 19 и 20 септември 2025 година, во рамки на 17. Конгрес на федерацијата што ќе се одржи во Андау, Австрија.

„Сите сме сведоци на тешкотиите со кои се соочи Европа во изминатиот период, а тие предизвици неминовно го засегнаа и ракометот. Сепак, благодарение на заедничките напори, спортот остана на вистинската патека“, напиша Видерер во писмото.

Тој ја нагласи својата посветеност и понатаму да раководи со Извршниот комитет на федерацијата, заедно со избраните претставници од националните федерации, со цел справување со идните задачи и унапредување на спортот. Видерер е на чело на ЕХФ од 2016 година, а претходно 24 години беше генерален секретар на организацијата. Во 2021 година, неговиот мандат беше продолжен на Конгресот во Виена.

Тој е четвртиот претседател во историјата на ЕХФ, по Швеѓанецот Стефан Холмквист (1991–2004), Тор Лиан (2004–2012) и Жан Брио (2012–2016).

ФОТО: ЕХФ